Градоначалникот Аце Коцевски денес на прес конференцијата се осврна на зонското паркирање кое предизвика големи реакции кај велешани. Бидејќи во минатите десетина дена имаше големи реакции во јавноста во врска со одлуките кои беа донесени за зонското паркирање би сакал да го кажам следното, рече Коцевски: Го разбирам револтот на граѓаните во врска со паркирањето и можам да кажам дека очекувавме многу реакции. Секогаш кога правите големи промени кои се одразуваат на секојдневниот живот и навиките на граѓаните првите чекори се сложени и тешки. Велес заслужува да биде уреден град без хаос на тротоарите и јавните површини  град во кој ќе има ред, ќе се зајакне безбедноста на сите учесници во сообраќајот и ќе се смали загадувањето. Во сите градови во светот, во Европа и нашата земја паркирањето во т.н црвена зона секогаш е поскапо од другите зони. Тоа се мери со степенот на удобност и повластена ситуација. Доколку сакате да се возите со возило и да не одите пеш низ централното градско подрачје треба да платите за таа привилегија. Во Велес мора да има ред и со овој значаен проект ред ќе се воспостави. Во однос на реакциите за нови паркинзи општината континуирано работи на обезбедување на нови паркинг места но и граѓаните треба да ги променат навиките и возилата да ги паркираат на веќе расположливите паркинзи како што е времениот паркинг помеѓу малото мовче и мостот на Гемиџиите и на паркинзите од левата страна на реката Вардар, изјави Коцевски на прес конференцијата.