Се прават финалните подготовки за стартување на зонското паркирање во Велес. Во тек е одбележувањето на местата за паркирање како и изработката на информативните табли и истите за една недела ќе бидат поставени на терен. Исто така софтверот потребен за зонско паркирање ќе биде инсталиран за три недели, ова го соопшти градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски на последната прес конференција. Во моментов се чека седница на Советот на Општина Велес за да може да се доделат субвенции на ЈП ПАРК-СПОРТ за да може да закупат специјален СМС број за наплата на зонското паркирање и за да можат да ангажираат доволен број на лица кои ќе се грижат за редот околу одвивањето на паркирањето на паркинг местата кои се во зонското паркирање. Велешани бурно рагираа на одлуката за воведување на платениот паркинг, а посебно на цените предвидени за паркирање. Сумата за годишна карта за паркирање во сите зони од градот би изнесувала 41.280 денари. Комплетниот ценовник кој го утврди Советот на Општина Велес може да го видите ТУКА.

Велешани во почеток се скептични реагираат меѓутоа отпосле ги прифаќаат работите. Јас се надевам дека така ќе биде и со зонското паркирање дека ќе се подобри сериозно состојбата со паркирањето во Велес откако ќе се воведе зонското паркирање, изјави Коцевски на прес конференцијата минатата година во ноември.

– Бидејќи во минатите десетина дена имаше големи реакции во јавноста во врска со одлуките кои беа донесени за зонското паркирање би сакал да го кажам следното, рече Коцевски: Го разбирам револтот на граѓаните во врска со паркирањето и можам да кажам дека очекувавме многу реакции. Секогаш кога правите големи промени кои се одразуваат на секојдневниот живот и навиките на граѓаните првите чекори се сложени и тешки. Велес заслужува да биде уреден град без хаос на тротоарите и јавните површини  град во кој ќе има ред, ќе се зајакне безбедноста на сите учесници во сообраќајот и ќе се смали загадувањето. Во сите градови во светот, во Европа и нашата земја паркирањето во т.н црвена зона секогаш е поскапо од другите зони. Тоа се мери со степенот на удобност и повластена ситуација. Доколку сакате да се возите со возило и да не одите пеш низ централното градско подрачје треба да платите за таа привилегија, изјави на прес конференцијата во декември минатата година градоначалникот Коцевски.