Горно Оризари асфалтираа три улици во ова населено место во должина од 800 метри со вкупна површина од 4076,6 метри квадратни. Сето ова не би било чудно и би наликувало на предизборна фолклорна приказна вообичаена за Македонија. Она што е интересно е фактот што асфалтирањето на улиците Горно Оризари го прави комплетно само. Од финансии па се до работна рака. Проекот го реализира Месната Заедница со потрошени 48.200 евра, парични средства собрани од жителите на Горно Оризари и нивни сожители во дијаспората и со работна рака и ангажирање на жителите од селото. Претходно на крајот на март тие со сопствени средства и работна рака ги проширија и асфалтираат патот од Железничкиот премин се’ до влезот во селото изградија и потпорен ѕид и ивичници на патот, а исто така асфалтираа улици и во месец ноември минатата година. Досега околу 120.000 евра се имаат вложено во нови патишта во селото од самите жители. -Сега, кога ќе сакаат да ви поминат од власта или од опозицијата, да им наплаќате патарина – е еден од многуте коментари на страницата на Месната заедница на Горно Оризари. Горно Оризари е најголемото населено место во Македонија во кое живее бошњачката заедница.