Американските власти го запреа тестирањето за Ковид-19 што во Сиетл беше покренато на иницијатива на Бил Гејтс, чија програма требаше да биде тест за формирање поширок надзорен систем за коронавусот во САД, пренесува „Спутник“.

Американската администрација за храна и лекови (ФДА) нареди да престанат стотината тестирања дневно во Сиетл. Гејтс најави дека низ програмата СКЕН (Seattle Coronavirus Assessment Network) ќе бидат тестирани по 300 луѓе дневно, но сега програмата е на стенд-бај поради конфликтот со ФДА.

Програмата на Гејтс претходно доби одобрение од Одделот за здравство на државата Вашингтон, но дополнително беше утврдено дека за експериментални тестирања за Ковид-19 е потребна дозвола и од федералните власти.

ФДА побара дополнителни информации за програмата СКЕН во која се спроведува тестирање на луѓето кои немаат симптоми на Ковид-19 врз основа на брис од носот.

Гејтс наведе дека оваа програма би требало да биде тест за формирање надзорен систем за ширење на коронавирусот, а ја спроведуваат пет здравствени организации од Сиетл. Програмата требаше да послужи како примерок во кој ќе се видат резултатите од тестот на луѓето кои имаат, но и оние кои немаат симптоми, односно како се шири вирусот, кој е најзагрозен и дали помагаат мерките за физичко растојание.