Целиот стан е празен. Во кујната нема ништо за јадење. Живеат под кирија во Чаир. Семејството Бакиу е од Велес, но веќе 4 години живее во Скопје. Се доселиле тука, не по своја желба, туку од мака. Нивната 5-годишна ќерка морала да посетува логопед, а финансиските услови не му дозволуваат на семејството секој ден да патуваат по 200 км. Домаќинот Бислим Бакиу, вели дека не јаде со денови, само за да ја плати киријата.

-Јадам на 2-3 дена. Ги чувам парите за кирија за да имам да ја платам, да не останам на улица. Многу е тешко да го гледаш семејството во ваква состојба, забораваш на сѐ. Другите потешкотии што ги имаш ги оставаш настрана, само за децата-вели Бислим Бакиу.

Мајката Хике вели дека трите деца имаат свои барања, но тие како родители, не можат да им ги исполнат…

-Навистина многу ни е тешко, страдаме заедно со децата… Синот треба да го однесеме на лекар, ќерката на логопед. Многу ми е тешко, но што да правиме. Децата бараат да имаат услови. Многу е тешко, немаме услови, немаме дом, седиме под кирија. Тешко е-вели Хике.

Ова 5-члено семејство бара помош – да имаат свој скромен дом за да можат да водат помирен живот. Иако трите деца треба да одат на училиште, сепак поради условите сѐ уште не се запишани. Со парите од социјалната помош ја плаќаат киријата, а за храна не им останува ништо… Број за контакт: 070 481-028