Во Македонија во недела ќе стигнат 24.000 дози од вакцината АстраЗенека преку Ковакс механизмот, објави вечерва министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил. Како што најавија властите, со нив треба да почне вакцинацијата на населението. Во однос на неколкуте смртни случаи кои се поврзуваа со вакцината министерот пред една недела изјави дека и самиот тој ќе се вакцинира со оваа вакцина и дека верува во оценката на Европската агенција за лекови дека вакцината е безбедна. „Националните агенции на земјите каде што имаше несакани ефекти од вакцината преземаа мерки на претпазливост и времено го запреа вакцинирањето со АстраЗенека. Што е нормално, да бидат внимателни и да се утврди ако има причинско-последична врска. Релевантна институција за тоа е Европската агенција за лекови, која излезе денеска со став дека дефинитивно не станува збор за компликации, заради коишто треба да се прекине или да се создава сомнеж. Дефинитивно вакцината е безбедна и нема причинско-последична врска со овие случаи и верувам дека имунизацијата ќе продолжи“, рече Филипче и нагласи дека ќе се вакцинира со вакцината на АстраЗенека кога ќе пристигне.