БЕСПЛАТНО КИНО ВО ВЕЛЕС: Ќе се прикажуваат по 2 филмови 3 пати во неделата

3010

Во соработка со Агенцијата за филм, Општина Велес деновиве работи на подготовка на проекции на филмови во кино салата „Бели Мугри“. На  денешната прес конференција, градоначалникот Аце Коцевски ја информираше јавноста дека  во овој момент, компанијата АВЦ ГРОУП ДОО Скопје која ја набави и инсталираше опремата прави проверка на дигиталната опрема  бидејќи од нејзиното инсталирање помина безмалку една година поради Ковид ситуацијата.  Компанијата врши и дообука на лицето кое теба да работи со софистицираната кино апаратура.

„На располагање ќе ни бидат ставени голем број филмови од македонската филмска продукција. Се надевам дека во скоро време ќе ни ги стават филмовите на располагање“, рече Коцевски. Проекцијата на филмовите ќе биде бесплатна.

Во наредниот период  планирани се по две филмски проекции трипати во неделата. Кино проекциите ќе се одвиваат со строго почитување на протоколите за кино проекции. Сите што сакаат да ги следат проекциите ќе треба да покажат сертификат дека се вакцинирани или дека прележале Ковид  во изминатиот период. Инвестицијата за отворање на кино во Велес е вредна 76.430 евра и вклучува пакет за дигитално кино DCP со  проектор, екран за кино прикажување со вкупна површина од 27,54 м², сараунд систем за озвучување како и градежни и занаетчиски работи за прилагодување на салата и бината.