пишува – Александар Сашко Кукулев

Кај си бе Велес, како си ?

Знам дека не си најдобро ама куртоазноста наложува да те прашам, колку да тргне муабетот, колку да се зафати “чамче муабет” што би рекле битолчани. И на Битоа арен и е алот, се видело туку ај..
Те истошти коронава гратче и тебе као и сите нас, еби му матер, судбина, таксирати не навасаа, ама изджуваме ние, ти барем знаеш како викаме тука “И Вардар матен, ама и Мане се фанал за мостот”..
Време помина гратчее, ние се изменивме, а не па ти !
Туку ние сме малку подостарени ама ти си изменет до непрепознатливост..
Волку сронат, исцеден и оставен сам на себе, ние не те паметиме. Улиците ти се со кратери, зградите ти се расселени, луѓето ти се нервозни..
Ама сами сме си криви..те оставивме на некадарници, луѓе за кои прв пат слушнавме дури кога фатија да те “управуваат”, и те управија !
Со тоа што си дочекавме втор претседавач на совет, втор директор на Дервен, втор директор на салата Гемиџии, втор директор на Центарот за јавно здравје, втор директор на Музејот и четврт по ред директор на театарот, за само една година, јасно ни се гледа дереџето на кое допаднавме, та и ти, та и ние. Абе гратче, ти беше градиште бе, а ние се гордеевме со тебе, кога сеуште имаше глава на рамена и кога знаеше кај тераш..
Сега си гратче мое, обична паланка распослана од Охохо до Џипунот у која флегуе само тој што има нужда или ургентна потреба. Младината се разбега по Германиите и Америките, старината жали за младост, а ние што сеуште не сме ниту за журка ниту за лопата, не можеме да се изначудиме како ни се излизга од рацете.
Се збираме по фејсбук страници, гледаме слики од стариот ти, бидејќи на моментниот ти во очи не можеме да му погледнеме од срам. Деца што се враќаат од странство по петнаесет години отсуство, улиците по дупките си ги препознаваат, исти се како кога заминаа ! Ни чепнато ни такнато ни макнато !
Станавме мизансцен за филмови со тематика од средината на осумдесеттите. Нит идеја како да се мрдне, нит потенцијал за да се исчекори !
Гратче, понекогаш ми личиш на вакумирана тегла во која сите ние небаре микс од феферонки и корнишони скиснуваме заедно со тебе, надевајќи се на подобро утре кое (да не се лажеме) никогаш нема да пристигне на железничка станица Велес. Претураме од шупливо во празно, од две школи правиме едно, а и тоа ни е многу бидејќи престанавме дури и да се размножуваме ! Во кафаните нема келнери, во школите нема деца, во библиотеките нема читатели ! Никој повеќе не се сеќава на Васил Главинов, никој не му организира почест на Џинот, коските на Панко ама никого баш не го интересираат, Константин Петкович е име на Н.Н. личност за велешани, илегално го шепотиме името на Рајко Жинзифов, им ја укинавме регатата на Гемиџиите, питијадата на питаџиите, не глочка и Миле Поп Јорданов па се помалку му одиме на гробишта ! Гратче, на денешен ден е убиен Кочо Рацин, ама ете и он ги чешаше, па после четири децении решија да го сменат денотво кој го чествувавме. Како да не се расплачеш од што е смешно и како да бараш логика во недоветното.
Во зимо се гушиме за наше добро, во лето не јадат комарци за наше добро, а во пролет и есен ништо не се случуе !
Нема спорт, нема фудбал, кошарка, нема одбојка, живурка велосипедизам и нешто кајак по што ламбата е изгасена за добра ноќ и пријатно. Гратче, од кај си докусурено, па уште и за да те расчеречиме, се глодаме едни со други, а во поново време се глодаат и сами со сами нарекувајќи се секташи и лажговци. Тоа ти е братче, кога они се караат ти умираш…
Ама нека, не има и будали што се зарековме дека ќе цапаме со тебе, па додека те има и ние ќе ја бришеме прашината од патоказите што упатуваат на тебе…
И ќе чекаме. !
Да дојде ден, кога ќе смкнеме сили, да те окрлавиме и да те воскреснеме !
Имај пријатно попладне гратче, ставај маска, чувај се од кластерот на затупавеност..па се глеаме !

Поздрав