Австралија за првпат после пет месеци не регистрираше ниту еден случај, соопштија здравствените власти. Во австралиската држава Викторија нема ниту еден новозаразен во последните 24 часа. „Со оглед на фактот што во остатокот од земјата не се забележани нови случаи, Австралија го дочека првиот ден без пренос на заразата од 9 јуни“, изјави министерот за здравство, Грег Хант. „Им благодарам на сите наши неверојатни здравствени работници и пред сè на австралискиот народ“, навел Хант на својот Твитер профил. Брзите и строги мерки во комбинација со дисциплината на нацијата се заслужни за совладување на пандемијата и спречување на преоптоварување на здравствениот систем. Со тоа, сега полека се опуштаат и рестрикциите кои се сметаат за едни од најтешките и најдолгите во светот. Карантинот во Викторија траеше дури 111 дена. Австралија пријави нешто повеќе од 27.500 случаи од почетокот на пандемијата.